Скопје, септември 2026 година – Во рамки на проектот „Општините како двигатели на одржливиот развој“, на 14 мај 2026 година официјално беше објавен Третиот повик за проекти за меѓуопштинска соработка од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Бирото за регионален развој (БРР).
Повикот беше објавен преку официјалните веб-страници и каналите на социјалните медиуми на УНДП и БРР, со цел да се обезбеди максимален опфат и видливост.
На повикот беа доставени 13 проектни апликации, во кои беа вклучени вкупно 26 општини.
Процесот на евалуација беше спроведен во две фази:
Фаза на пред-селекција – проверка на административната усогласеност на апликациите согласно контролната листа дефинирана во точка 17.1 од Оперативните упатства.
Фаза на селекција – техничка евалуација на апликациите врз основа на критериумите утврдени во точка 17.2, при што тимот за евалуација додели соодветни бодови.
По завршувањето на процесот на евалуација, Комисијата ги предложи следните проекти за финансирање:
- Општина Чаир и Град Скопје
„Зелена Чаршија – Заедничка иницијатива на Општина Чаир и Град Скопје за одржливо управување со отпад“
- Општина Куманово и Општина Липково
„Меѓуопштински механизам за превенција, заштита и спасување во кризни ситуации“
- Општина Зелениково и Општина Петровец
„Еко Извештај: Меѓуопштинско управување со отпад и дигитални услуги“
- Општина Крушево и Општина Кривогаштани
„Меѓуопштинска соработка за одржливи општински услуги“
Реализацијата на овие проекти ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу општините, како и за рамномерен регионален развој, подобрување на јавните услуги и долгорочна одржливост.
Овие иницијативи уште еднаш потврдуваат дека меѓуопштинската соработка претставува клучен механизам за обезбедување поефикасни и поиновативни решенија на локално ниво. Поддржаните проекти ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и за посилен, поинклузивен и поодржлив локален развој.
Повикот е дел од проектот „Општините како двигатели на одржливиот развој“, кој го спроведува УНДП во соработка со Бирото за регионален развој.




