Директорот на Бирото за регионален развој, Шабан Алајбегу, заедно со директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Валон Каба, присуствуваше на официјалното примопредавање на нов мини багер наменет за потребите на јавните комунални претпријатија во Општина Струга.
Набавката на новата механизација е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на јавните комунални претпријатија“, чија цел е унапредување на техничките и оперативните капацитети на јавните комунални претпријатија и подобрување на квалитетот на услугите што им се обезбедуваат на граѓаните.
Во рамки на проектот, преку Активност 2 и Активност 3, предвидена е набавка на дополнителна опрема и механизација за потребите на јавните комунални претпријатија во општините Дебар и Кичево. Вкупната вредност на предвидената опрема изнесува 1.713.714 денари.
На настанот присуствуваа и претставници на Општина Струга, како и директорот на локалното јавно комунално претпријатие, кои ја истакнаа важноста на ваквите инвестиции за поефикасно извршување на комуналните активности и подобрување на локалната инфраструктура.
Реализацијата на ваквите проекти претставува значаен придонес кон создавањето подобри услови за работа на јавните претпријатија, унапредување на комуналните услуги и поттикнување на одржливиот локален и регионален развој.
Бирото за регионален развој, во соработка со центрите за развој на планските региони и локалните самоуправи, продолжува со поддршка на проекти насочени кон зајакнување на локалните капацитети, подобрување на инфраструктурата и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните.








