Склучени Договорите за реализација на проекти помеѓу Бирото за регионален развој и Центрите за развој на 8-те плански региони во Република Македонија

dogovor 2011
На ден 06/05/2011 година, во просториите на Бирото за регионален развој се потпишаа договорите за реализација на проекти помеѓу Бирото, претставувано од директорот Џемаил Елмази  и раководителите на Центрите за развој  на 8-те плански региони на Република Македонија. Во текот на 2011 година ќе се имплементираат вкупно 37 проекти за развој на планските региони со вкупна вредност од 92.065.766 денари. Распределбата на средствата наменети за поттикнување на регионалниот развој се доделуваат врз основа на класификација на планските региони според степенот на развиеноста за периодот од 2008 до 2012. Оттаму, произлегува следнава распределба за 2011 година:
– 6 (шест) проекти, во вредност од 5.944.268 ќе се реализираат од страна на Центарот за развој на Скопскиот плански регион;
– 3 (три) проекти во вредност од 9.845.193 ќе се реализираат од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион;
– Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе реализира 6 (шест) проекти во вредност од 11.168.000;
– Центарот за развој на Југозападниот регион ќе реализира 6 (шест) проекти во вредност од 12.074.294;
– 5 (пет) проекти за поттикнување на регионалниот развој во вредност од 12.074.294 ќе бидат реализирани од страна на Центарот за развој на Полошкиот плански регион;
– Центарот за развој на Вардарскиот регион ќе реализира 4 (четири) проекти во вредност од 12.538.689;
– Центарот за развој на Источниот плански регион ќе реализира 4 (четири) проекти во вредност од 13.003.085 и
– 3 (три) проекти во вредност од 15.417.944 ќе бидат реализирани од страна на Североисточниот плански регион.

Финансирањето на проекти за намалување на диспаритетите помеѓу планските региони и поттикнувањето на рамномерниот регионален развој е израз на нашата определба за создавање еднакви можности за сите, истакна директорот на Бирото за регионален развој, Џемаил Елмази. Г-дин Елмази истакна дека Бирото за регионален развој останува целосно посветено да им помогне на центрите за развој да обезбедат сеопфатно и ефикасно спроведување на проектите и им посака успех на Раководителите на Центрите во реализацијата на истите.

Деталната листа на проектите по региони, објавена во Службен весник на Република Македонија на 27 април 2011 година Бр. 60, можете да ја најдете на линкот подолу:

Листа на проекти за развој на планските региони финасирани од Буџетот на РМ во 2011 година

Промоција на земјоделски и млечни производи

mlecni proizvodi
На 28/04/2011 година во хотелот Дрим во Струга беше одржана свечена Промоција на земјоделски и млечни производи, Проект финансиран од Бирото за регионален развој а реализиран од Центарот за развој на Jугозападниот плански регион. На свеченоста меѓу присутните беа и директорот Џемаил Елмази и претставници од Бирото за регионален развој, Министерот за локална самоуправа Муса Џафери, Министерот за Земојоделство шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, претседателот на Советот на Југозпадниот плански регион Рамиз Мерко, градоначалниците и претставници на партнерските општини од Југозападниот плански регион како и  индивидуални производители од целиот Југозападен плански регион. Една од основните цели на Проектот “Промоција на земјоделски и млечни производи” е развојот на земјоделството и поттикнување на руралниот развој преку едукација на земјоделците и млекопроизводителите во Jугозападниот плански регион, односно преку давање на професионална помош на производителите од страна на домашни експерти од областа, како и промоција на препознатливите производи од регионот. Во рамки на завршниот дел од проектот „Промоција на земјоделски и млечни продукти“ беа доделени пет најсовремени мобилни лаборатории за испитување на квалитетот на земјиштето што ќе бидат ставени на располагање на земјоделците од 13 Општини кои влегуваат во состав на регионот. Приликата беше искористена и за промовирање на публикацијата “Земјоделски и млечни продукти во Југозападниот плански регион” чија основна цел е афирмирање на производите автентични за југозападниот дел на Република Македонија, печатена на четири јазици во тираж од 8.000 примероци. Проектот е финансиски поддржан од Бирото за регионален развој со средства во износ од 2.441.200 денари.

Меморандум за соработка помеѓу Биро за регионален развој и Преда Плус

preda

На ден 11/04/2011 година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Биро за регионален развој и Преда Плус – промотор на одржлив економски развој и социјален просперитет преку олеснување на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално/регионално ниво на Балканот.

Сигнализација и сигналитика на туристичките локалитети во Пијанец-Малеш

pijanec
На 18 март 2011 во Делчево беа промовирани резултатите од проектот „Сигнализација и сигналитика на туристичките локалитети во Пијанец-Малеш“.

Проектот „Сигнализација и сигналитика на туристички локалитети во микрорегионот Пијанец-Малеш“ е регионален и партнерски проект на Центарот за развој на Источен плански регион во Штип, како носител на проектот и општините Делчево, Пехчево и Берово, како партнерски општини. За овој проект се вложени 1.300.000 денари, од кои 80% се од Бирото за регионален развој, односно од Програмата за рамномерен и оддржлив регионален развој за 2009 година.
Претставници од Бирото за регионален развој присуствуваа на свечената промоцијата на резултатите од проектот со кој се евидентирани и означени со сигнални табли сите позначајни туристички локалитети на микрорегионот „Пијанец – Малеш“ на територијата на трите соседни општини Берово, Пехчево и Делчево. Пригодата беше искористена и за промоција на публикацијата „Пијанец, Малеш – изобилство од сонце и насмевки“ своевиден туристички водич, печатен двојазично на македонски и на англиски јазик.