• Слободен пристап до информации од јавен карактер имаат сите правни и физички лица, без разлика дали се домашни или странски.
  •  За пристапот до информациите од јавен карактер на БРР потребно е да поднесете усно, писмено или барање во електронска и друга форма, до имателот на информацијата – Биро за регионален развој.
  • Секој барател врз основа на барање има право на пристап до информација од имателот на информации со кои располага и тоа со увид, препис, фотокопија или електронски запис.

Усно барање

Член 13

(1)      Ако барателот бара пристап до информација со усно барање, имателот на информацијата е должен на барателот да му овозможи пристап до информацијата, на начин со кој барателот ќе има доволно време да се запознае со нејзината содржина, за што имателот на информацијата составува записник, освен ако се работи за информации од членот 6 став (1) од овој закон.

(2)      Ако имателот на информацијата позитивно одговори на барањето од ставот (1) на овој член, веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од денот на поднесување на барањето, овозможува запознавање со содржината на бараната информација на начин што му дава на увид или му обезбедува препис, фотокопија или електронски запис од бараната информација.

(3)      Ако имателот на информацијата одговори негативно на барањето или не може веднаш да одговори на барањето, како и ако барателот има устен или писмен приговор на начинот на запознавањето со информацијата, службеното лице за посредување со информации е должно за барањето да изготви решение во кое ќе внесе податоци за барателот, датумот на прием на барањето и да го извести барателот за посебното барање, односно за бараната информација.

(4)      Против решението од ставот (3) на овој член, барателот на информација има право на жалба до Агенцијата, во рок од 15 дена од приемот на решението.

(5)      Во случаите од ставот (3) на овој член натамошната постапка по усно барање продолжува како по писмено барање во согласност со овој закон.

Писмено барање

Член 14

(1)      За писменото барање за пристап до информации одлучува имателот на информации во постапка утврдена со овој закон.

(2)      За прашања на постапката од ставот (1) на овој член кои не се уредени со овој закон, се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.

Поднесување на барањето

Член 15

(1)      Барањето за пристап до информации го поднесува барателот до имателот на информации.

(2)      Барањето од ставот (1) на овој член поднесено во електронска форма се смета за писмено барање од членот 14 од овој закон.

Содржина на барањето

Член 16

(1)      Формата на образецот на барањето за пристап до информациите ја пропишува директорот на Агенцијата и имателот на информацијата е должен да му го обезбеди образецот на барателот.

(2)      Барањето се поднесува на образецот од ставот (1) на овој член или во друга форма и на начин согласно со членот 12 став (1) од овој закон.

(3)      Барањето содржи назив на имателот на информацијата, личното име и презиме на барателот на информацијата, податоци за можниот застапник или ополномоштеното лице, фирмата или правното лице.

(4)      Во барањето барателот е должен да ја наведе информацијата со која сака да се запознае и на каков начин сака да се запознае со содржината на бараната информација (увид, препис, фотокопија, електронски запис).

(5)      Барателот не е должен да го образложи барањето, но е потребно да наведе дека се работи за барање за пристап до информации.

(6)      Ако според предметот на барањето произлегува дека се работи за барање за пристап до информации согласно со овој закон, имателот на информацијата задолжително го разгледува барањето во согласност со овој закон.

Дополнување на барањето

Член 17

(1)      Ако барањето е непотполно и поради тоа имателот на информацијата не може да постапува, тој ќе побара од барателот на информацијата да го дополни барањето, со укажување на последиците ако тоа не го направи. Барателот е должен да го дополни барањето во рок од три дена од денот на известувањето за потребата од дополнување на барањето, односно во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потребата од дополнување на барањето.

(2)      Службеното лице определено за посредување со информации е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнување на барањето.

(3)      Ако барателот не постапи согласно со ставот (1) на овој член, имателот на информацијата со решение ќе го отфрли барањето.

(4)      Против решението од ставот (3) на овој член барателот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Агенцијата.

(5)      Ако барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од членот 16 на овој закон и поради тоа имателот на информации не може да го разгледува барањето, имателот на информации ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето.

(6)      Против решението за отфрлање на барањето од ставот (5) на овој член дозволена е жалба до Агенцијата во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

  • Барањето испратете го до службеното лице на БРР надлежно за постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер на следната адреса:

БИРО ЗА РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈ
Ул. Св. Кирил и Методиј, п.фах 520
1000 Скопје

Службено лице: Ивана Петрова Давидовска
Звање: Раководител на одделение за стручно административни работи
Тел: 02/ 3 121-350
е-пошта: ivana.petrova@brr.gov.mk ; i.petrovadavidovska@outlook.com

БРР Барање за пристап до информации од јавен карактер

Листа на информации од јавен карактер на БРР

• За подетални информации околу правата и обврските на барателите и имателите на информации од јавeн карактер посетете ја веб страната на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер – www.komspi.mk

Comments are closed.

Close Search Window